Прозата на современиот македонски писател Александар Прокопиев е вклучена во најновата едиција на реномираната историја на европската книжевност „Les Lettres Europeénnes“, која деновиве излезе од печат во Париз.
Во ова капитално дело со речиси 1.200 страници, во 16 поглавја се толкува и аргументира концептот на европската литература и се анализираат автори, книги и поетики од Средниот век до денес.
Во последното поглавје „Тенденции и современи фигури, 1989-2021“ се анализира и прозата на Прокопиев, кој е застапен покрај Херта Милер, Елфриде Јелинек, Слободан Шнајдер, Мануел Ривас, Олга Токарчук, Биљана Србљановиќ, Јури Андрукович и Људмила Улицкаја.
„Поетиката на Прокопиев се сместува во редот на инвентивни раскажувачи како Бартелми и Калвино. Прокопиев ја отелотворува постмодерната струја во Македонија, додека ги тера читателите да го прифатат фактот дека животот се темели на збрка“, се вели во освртот.