Со длабоки шлицови и ѓердани во облик на срце, проѕирни материјали и светкави детали, холивудските актерки и актери го претворија црвениот килим на Златните глобуси во парада на црна боја, во знак на протест, со јасна порака за сексуалните малтретирања на работното место: „Времето истече“.
Речиси ни случајните минувачи во Лос Анџелес не носеа друга боја и се солидаризираа со холивудските и филмски ѕвезди.
„Ние сме тука за поддршка на движењето ‘Времето истече‘. Октавија (Спенсер) е мојата партнерка! Изразуваме солидарност против каква било злоупотреба на моќта “, рече Џесика Честејн, номинирана за „Покер кралица“, облечена во црна кадифена креација, со сребреникави детали на грбот.
„Се работи за луѓе кои се безгласни, а ние сме тука за нивна поддршка и еманципација”, додаде Спенсер, која беше номинирана за „Обликот на водата”.
Натали Портман се одлучи за црн кадифен фустан, а бремената Америка Ферера носеше црн фустан со светки и смокинг јакна.
Џесика Бил носеше фустан на „Диор“ и дијамантски обетки од „Булгари“ од 50-ите години.
Кетрин Зета-Џонс се појави со огромни смарагдни обетки и лелеава креација со чипка и кадифени детали од Зухаир Мурад.
Меѓу оние кои не носеа црно беше Мехер Татна, претседателка на Здружението на странски медиуми на Холивуд. Таа избра светлоцрвена креација со рачно навезени детали. Татна за АП изјави дека Здружението е составено од 60 отсто жени, даваат поддршка за движењето и додаде: „Не носам црно, бидејќи мојата наметка беше направена пред неколку месеци. Јас сум од Индија и за посебна прослава не носиме боја на жалост. Мајка ми ќе беше згрозена”.