ЈУАН МЕКГРЕГОР ИМ СЕ ЗАБЛАГОДАРИ И НА СОПРУГАТА И НА НОВАТА ДЕВОЈКА КОГА ПРИМИ ЗЛАТЕН ГЛОБУС

Беверли Хилс, (Телеграф)

Јуан Мекгрегор им се заблагодари и на сопругата и на актерката за која се верува дека му е нова девојка, откако ноќеска ја освои првата голема награда во својата актерска кариера.

Шкотскиот актер доби Златен глобус за двојната улога на близнаците Емит и Реј Стаси во ТВ-серијата „Фарго“ и во победничкиот говор ги спомна двете најважни жени во својот живот: долгогодишната сопруга Ив Мавракис и партнерката од „Фарго“, Мери Елизабет Винстед, поради која се разведува по 22 години брак.

„Сакам да го искористам овој момент за да ѝ кажам благодарам на Ив, која постојано беше покрај мене 22 години и на моите четири деца Клара, Естер, Џемјан и Анук“, кажа 46-годишниот Мекгрегор, а потоа во говорот ја уфрли и својата нова девојка.

„Немаше да го има Реј Стаси без Мери Елизабет Винстед“.

Тој се исели од семејниот дом во ноември, за да почне нов живот со Винстед, која ја глумеше неговата девојка во третата сезона на „Фарго“.