„Пјонгјанг – Патување низ Северна Кореја“ од канадскиот автор и цртач Ги Делил е шестиот графички роман што „Бункер“ го објави во рамките на едицијата „Апсолутни почетници“.
Делил е еден од ретките западњаци кој имал можност од прва рака да го почувствува главниот град на една од најзатворените и најинтригантни држави на светот. Тој го посетил Пјонгјанг кога работел на цртан филм за една француска компанија и своите искуства ги преточи во графички роман, кој беше прифатен со воодушевување и му донесе бројни награди.
„Делил можеше да ги истражува Пјонгјанг и неговата околина само во придружба на водич и преведувач. Неговите духовити и зајадливи забелешки за животот под строгиот режим се темелот на овој стрип. Овој графички роман претставува и информативен и интимен поглед на оваа енигматична земја“, велат од „Бункер“.
Преводот од француски јазик е на Радмила Ризова, а дизајнот е на Ласко Џуровски.