КАРТИТЕ ЗА 25. „ЗЛАТНА БУБАМАРА“ ЌЕ СЕ ПРОДАВААТ ОД 29 АПРИЛ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Билетите за „Златна бубамара на популарноста“ ќе бидат пуштени во продажба на 29 април на пладне, за што организаторите велат дека беше најбараната информација во овој момент. Картите ќе се продаваат преку karti.com.mk и во цвеќарата „Розе“ во „Веро 2“.

Откако лани не беше дозволено да има публика поради пандемијата, 25. издание на „Златна бубамара“ ќе се одржи на 12 мај во арената „Борис Трајковски“, а мотото ќе биде „Да живнеме!“.

„Почитувани љубители на добра забава, нормални цени и евтина тарифа на струја! Цените скокнаа, платите останаа исти, само ‘Златна бубамара‘ ви порачува – Дојдете да живнеме! По сè што поминавме, конечно доаѓаат и убави времиња: да се развеселиме, да запееме и да се насмееме, (сега) конечно можеме да живнеме! Доаѓа настанот што го чекаме две години, 25. јубилејно издание на ‘Златна бубамара на популарноста‘ на 12 мај во арената ‘Борис Трајковски‘. Дојдоа и такви убави времиња кога полесно се доаѓа до две карти за ‘Златна бубамара‘ отколку до две шишиња зејтин. Наместо да кивнеме, време е да живнеме“, стои во прогласот од годинашната манифестација.