Џони Деп изјави дека поротата му го вратила животот назад откако излезе како победник од судскиот спор против бившата сопруга Амбер Херд, која ја тужеше за клевета. По два дена размислувања, поротата утврдила дека изјавите на Херд за нивниот брак биле лажни и дека постапувала со злоба.
„Поротата ми го врати животот назад. Вистината никогаш не умира. Се надевам дека мојата потрага по вистината ќе им помогне на други, и мажи и жени, кои се најдоа во слична ситуација“, кажа Деп.
Поротата му додели на Деп отштета од 15 милиони долари, со тоа што судијата го намали казнениот дел од отштетата на 350.000 долари, со што вкупно треба да добие 10,4 милиони. Тој не присуствуваше на изрекувањето на пресудата зашто беше во Велика Британија, каде што одржа три изненадувачки концерти со легендарниот гитарист Џеф Бек.
Деп ја тужеше Херд поради нејзината колумна во „Вашингтон пост“ од декември 2018, во која таа се опиша себеси како „јавна личност која искусила семејно насилство“, без да наведе имиња. И покрај тоа, Деп тврдеше дека колумната му ја упропастила кариерата и непоправливо му го нарушила угледот, за што поднесе тужба во 2019.
На шестнеделното судење во Вирџинија двете страни изнесуваа пикантерии од приватниот живот и меѓусебно се обвинуваа за злоставување, што, според експертите, би можело да им се одрази врз кариерите. Анкетите покажаа дека Американците беа повеќе заинтересирани за оваа судска драма отколку за војната во Украина, а снимките од судењето имаа милијарди прегледи на социјалните мрежи.
Сапуницата секако ќе продолжи, бидејќи адвокатите на Херд најавија жалба.