Емануел Макрон ѝ подари коњ на Елизабета Втора за нејзиниот платинест јубилеј, односно 70-годишнината од доаѓањето на британскиот престол. Тој ја опиша кралицата како златна нишка која 70 години ги поврзува Велика Британија и Франција.
Елизабета е позната по љубовта кон коњи. Нејзиниот најнов коњ, седумгодишниот Фабуло де Мокур, досега ѝ припаѓаше на француската републиканска гарда.
Велика Британија вчера ја почна четиридневната прослава на уникатниот јубилеј на својата кралица. Таа се појави на балконот на Бакингамската палата за да ја проследи вчерашната воена парада, но потоа не се чувствувала добро, па ја пропушти денешната служба во катедралата „Свети Павле“ во Лондон.
„Кралицата секогаш обезбедувала елемент на стабилност среде воени времиња и длабоки промени во општеството. Вие сте златна нишка која ги поврзува нашите две земји и нации“, кажа Макрон.