Ејч-Би-О развива продолжение на „Игра на тронови“ кое би се фокусирало на Џон Сноу, при што Кит Харингтон би ја репризирал улогата што го прослави.
Според „Холивуд рипортер“, дејството во сè уште неименуваната серија би се случувало по настаните во „Игра на тронови“, што би било проширување на светот од книгите на Џорџ Р. Р. Мартин и би отворило нови поглавја од сагата за која се мислеше дека е завршена.
Мартин сè уште не завршил со пишувањето на своите книги и фановите веќе 11 години ја чекаат шестата од предвидените седум книги.
По завршувањето на „Игра на тронови“ во 2019, Ејч-Би-О потврди дека ќе се снимаат неколку спиноф серии и оваа за Џон Сноу би била прва која би се водела како продолжение. „Куќа на змејот“, која ќе има премиера на 21 август, се случува 200 години пред „Игра на тронови“.