ПУСТИНСКИ МАНАСТИР ВО СИРИЈА СЕ ОТВОРИ ЗА ПОСЕТИТЕЛИ ПО ПОВЕЌЕ ОД 10 ГОДИНИ

Дамаск, (АФП)

Пустински манастир во Сирија, кој своевремено бил центар на меѓуверски разговор и привлекувал илјадници посетители, повторно се отвори за јавност по повеќе од една деценија војна и изолација.

Во 2010, 30.000 луѓе го посетиле манастирот од 7. век „Свети Мојсеј Етиопјанецот“, сместен на пуст, карпест рид стотина километри северно од Дамаск. Но, почетокот на граѓанската војна во 2011 и исчезнувањето на свештеникот Паоло Дал‘Ољо, кој ја обнови и водеше заедницата од 1982, целосно го изолираа манастирот. Тој повторно се отвори за јавност овој месец, откако се подобри безбедноста во околните области.

Посетителите мора да искачат 300 скалила за да стигнат до камениот манастир, изграден врз руините на римска кула и делумно врежан во карпата. Тој содржи црква од 11. век, украсена со икони, древни мурали и натписи на арапски, сириски и грчки.

Дал‘Ољо држел меѓуверски семинари во манастирот, каде што муслиманите и христијаните се молеле едни до други. Тој бил избркан од Сирија во 2012 поради поддршката на масовното антивладино востание, но се вратил по една година. Исчезнал во летото 2013 кога одел да се сретне со групата која подоцна стана позната како Исламска држава.

Денес во манастирот живеат двајца монаси, една калуѓерка и двајца постуланти, кои сами си произведуваат храна и пијат вода од бунар.