УБАВИНИТЕ НА СРБИЈА – ОАЗА ПОЛНА СО ПРИРОДНИ И ИСТОРИСКИ АТРАКЦИИ ПРИВЛЕЧНА ЗА ТУРИСТИ

Охрид, (СМАРТ СДК.МК)

Убавината и сјајот на Белград оставаат впечаток како тука да не се случила ковид пандемијата. Бројни туристи на улиците и на познатата Белградска тврдина, која истовремено е прекрасен Калемегдански парк. Тврдината практично претставува продолжување на пешачката зона и е една од најголемите атракции на градот.

Може слободно да се каже дека секој кој ќе дојде во Белград задолжително ја посетува и Белградската тврдина“, ни кажа Симонида Попов-Диховични, туристички водич, која неуморно и со многу љубов се обидуваше да опише секој дел од главниот град на Србија.

За Белград се вели дека е град кој никогаш не спие

Во 1867 година, кога Турците ја напуштиле, тврдината била пренаменета во прекрасен парк наречен Калемегдан, што на турски значи бојно поле. Тврдината има елементи од римско, византиско, турско, бугарско, австроунгарско и српско време, но тука можеме да видиме и парк со диносауруси, воен музеј, уметнички павилјон и зоолошка градина. Има и спортски терени, значи многу настани се одржуваат тука“, ни раскажа Попов-Диховични.

За белграѓани и за туристи ова е место за прошетка со фантастичен поглед на градот.

Кога ќе се најдете тука, ја гледате неговата единствена позиција, која е диктирана од една не така лесна, но во секој случај многу интересна историја“, кажа Попов-Диховични, обидувајќи се да го направи нашиот престој спој на работна посета и уживање.

Белград на вода е најновата атракција на главниот град

Обиколката ја продолживме со посета на најновата атракција, Белград на вода, која остава впечаток дека градот постојано се развива. Модерните згради со минималистички изглед и широкото шеталиште покрај реката Сава одаваат неверојатен сјај.

Тука има и велосипедска патека по највисоки стандарди, па сликата на бројни велосипедисти и оние кои седат во кафулињата веднаш до шеталиштето го прават кејот атрактивно место за релаксација. Симонида со гордост ни кажа дека ова е место за комплетно уживање, оти тука често се организираат и концерти на отворено, но и зајдисонцето е најубаво.

Белградска кула, висока 169 метри, е новиот симбол на градот. И ние имавме прилика да се увериме дека оваа туристичка атракција е најубавото место за фотографирање.

Следниот ден го посетивме Земун, кој има сопствена историја како град. Од 1934 е дел од Белград, па жителите гордо ни нагласија дека се земунци.

Тука има прекрасна пешачка зона, прекрасен кеј. Тука Дунав полека тече кон Ушќе. Гледаме голем воен остров. Земунците се гордеат и со својата плажа, која ја викаат Лидо. Има многу чамци и лебеди. Често велиме дека луѓето тука прво учат да пливат, а потоа да зборат и одат. Тука некогаш живееле рибари. На пешачката зона каде е „Улицата на господата“ живееле богатите. Велат дека таму отсекогаш се чувствувал мирисот на убави колачи“, вели Симонида.

Средновековниот манастир Манасија е дом и на прославената Ресавска препишувачка школа

Гардош кула е симболот на Земун, оттаму има еден од најубавите погледи на Земун и Дунав. Во близина има прекрасни ресторани, кои се познати како по храната, така и по ноќниот живот и староградската музика.

Ноќниот живот на Белград е посебно популарен, тоа е град кој никогаш не спие, а Земун се придружува кон тоа.

Едно од позначајните места кои имавме прилика да ги доживееме беше храмот Свети Сава, висок 80 метри.

Храмот е граден со план да може да прими околу 10.000 луѓе во еден момент. Позлатениот крст е висок 10 метри, а куполата има дијаметар од скоро 30 метри и тежи околу 4.000 тони, па морала да биде подигната во внатрешноста на храмот. Градбата на храмот почнала во 1985 врз урнатините на еден недовршен храм од 1935. Педесет милиони парчиња мозаик се вградени во него и 600 луѓе учествувале во неговото создавање“, рече Симонида.

Потоа се упативме кон Свилајнац, поминавме низ Деспотовац и дојдовме во прекрасниот средновековен манастир Манасија, опкружен со 11 кули. Попат ја слушнавме приказната за деспот Стефан Лазаревиќ, голем воин, многу образован човек и извонреден познавач на историјата. За него се вели дека од темница правел светло. Во тешки услови ѕидал манастири, ги развивал трговијата, земјата, а особено писменоста.

Манастирот е завршен во 1418 година, а фреските се направени подоцна. На нив може да се види како изгледал Лазаревиќ и далеку познатите манасиски воини, за кои се верува дека кога еднаш ќе ги видите, секогаш ве следат во мислите или во соништата.

Монахот Теофил не пречека во манастирот. Неговата гостопримливост оддаваше смиреност, а туристичкиот водич ни раскажа дека тука за првпат во српското сликарство иконите добиле човечки лик, оти деспот Стефан имал желба кога луѓето ќе излезат од портата да видат исти лица како на ѕидовите.

Секоја фреска тука има своја приказна. Над 150 години Манасија бил без лимен кров оти Турците го извадиле и од него правеле ѓулад. Турците биле бесни што никако не можеле да го покорат манастирот. Забележале дека гуските секоја вечер наоѓаат излез и слегуваат до реката Ресава и по истиот пат се враќаат. Така влегле и тие и го освоиле“.

Ресавска пештера е пронајдена во 1962, а за јавност беше отворена десет години подоцна

Тука е и Ресавската препишувачка школа. Децата знаат да се шегуваат кога препишуваат, а во реалноста, тоа е еден голем духовен центар, каде што монасите ги препишувале најзначајните црковни книги и потоа се раздавале.

Ресавската препишувачка школа се градела паралелно со целиот комплекс и со самата црква. Зградата на Ресавската школа има големо значење за целиот српски народ. Деспот Стефан Лазаревиќ се трудел околу себе да има луѓе кои се многу добри воини, но истовремено и интелектуалци. Тој тука оформил школа во која, всушност, се раѓал српскиот јазик. Тука се донесени клучни закони во тоа време, но се напишани и преубави поетски дела. Ова е место каде што рачно се препишувале книгите кои монасите ги носеле од Хиландар. До 1439 година, кога Манасија првпат бил запален, тука била една од најбогатите библиотеки во овој дел на Европа“, вели Гордана Милошевиќ, која работи маркетинг во Ресавската пештера.

Туристичкиот водич Анѓелка Богдановиќ ни раскажа дека оваа пештера е пронајдена во 1962 година од планинари од Деспотовац и Свилајнац. Истражувањето и уредувањето траеле 10 години и пештерата официјално е отворена на 22 април 1972. Има две нивоа со по четири сали. Температурата е плус седум степени, а влажноста на воздухот меѓу 80 и 100 проценти. Секоја сала е посебна на свој начин. Во салата наречена „Предворјето на историјата“ се пронајдени остатоци од праисториски човек, како и орудија и оружје кои се користеле во тоа време.

Во Сокобања е отворена Спомен-соба на Иво Андриќ

На второто ниво се наоѓа „Концертната сала“, која е најголема и има статуа на мајка со дете, која е заштитен знак на Ресавската пештера. Ни кажаа дека тука е дозволено да се одржуваат концерти оти има прекрасна акустика.

Посетата на Сокобања, најстарата бања во Србија, беше уживање и за душата и за телото поради воздухот и природата. Го посетивме и едно од најпривлечните излетнички места Лептерија, кое е на само 1,5 километри од центарот на Сокобања. На само 500 метри е Сокоград, каде некогаш и римјаните имале тврдина. Турците го уништиле во 15. век.

Добрите домаќини од Туристичката организација на Сокобања ни ја покажаа и Спомен-собата на Иво Андриќ, која се наоѓа во хотелот Моравица. Ни кажаа дека нобеловецот сакал постојано да доаѓа во Сокобања. Тука сакал во мир да пишува, одел во природа и сакал да разговара со обичните луѓе.

Секогаш престојувал во апартманот број 144 оти најмногу го потсетувало на неговиот роден Вишеград кога гледал низ прозорецот. Со години овај апартман беше достапен за туристи, но во 2011 беше претворен во Спомен-соба“, раскажа Весна Милосављевиќ.

На враќање направивме обиколка на Ниш и на Нишката тврдина. Туристичкиот водич Милица Беган ја опиша како оаза преполна со историја.

Она што ја краси е што отсекогаш била уредена и таа сега е нашиот најголем градски парк. Внатре има различни уметнички павилјони, кафетерии и ресторани, така што Нишката тврдина е една вистинска оаза за уживање“, рече Беган.

Текст и фото: С. ВРЕНЦОВСКА