ВЕВЧАНСКАТА ПРИРОДА Е НЕИСЦРПНА ИНСПИРАЦИЈА ЗА СЛИКАЊЕ, КАЖАА УЧЕСНИЦИТЕ НА ЛИКОВНАТА КОЛОНИЈА „ВЕВЧАНСКИ ВИДУВАЊА“

Охрид, (СМАРТ СДК.МК)

Над 20 сликари од земјава и странство до 10 јули ќе творат во рамките на 11. меѓународна ликовна колонија „Вевчански видувања“ во Вевчани. Прекрасната вевчанска природа е неисцрпна инспирација за уметниците од Македонија, Србија, Бугарија, Црна Гора, БиХ, Полска и Чешка.

Славица Секулоски од Србија вели дека природата и топлината на народот је привлекуваат постојано да доаѓа во Македонија.

„Првпат сум учесник на оваа меѓународна колонија, но во Вевчани сум доаѓала уште како мала. Природата тука е неверојатна, инспирација за сликање има насекаде“, кажа Секулоски.

Во рамките на колонијата првпат ќе се одржи и Летна ликовна школа за деца, на која 40-ина дечиња, под раководство на професорката Лара Ташковска, ќе имаат можност да се запознаат со тајните на сликарската уметност.

Колонијата „Вевчански видувања“ почна во 2010 година и досега учествувале над 150 домашни и странски ликовни уметници. Изминативе години, делата од колонијата беа презентирани на многу изложби. Ефимија Угриновска-Кукоска, организациски секретар на „Вевчански видувања“, вели дека на овој начин се презентираат Вевчани, Македонија, но и самите уметници и нивното творештво.

„Пред 11 години дојдоа афирмирани уметници од земјава и Балканот и нивните коментари дека имаме прекрасна природа за сликање нè поттикнаа да почнеме колонија“, рече Угриновска-Кукоска.

На свеченото отворање на 11. „Вевчански видувања“, на академскиот сликар Доне Миљановски му беше доделено признанието „Плакета порта“.

С. ВРЕНЦОВСКА