ОТКРИЕНИ НАЈДЛАБОКИТЕ ОСТАТОЦИ ОД БРОД НА СВЕТОТ, КОЈ ЛЕЖИ НА 6.895 МЕТРИ

Манила, (Би-Би-Си)

Истражувачите ги пронајдоа најдлабоките остатоци од брод досега – американски разурнувач кој потона во Втората светска војна. „Семјуел Б. Робертс“ потона во Филипинското Море за време на Битката за Самар во октомври 1944 и денес лежи на длабочина од 6.895 метри.

Американскиот финансиер и авантурист Виктор Весково ги пронашол остатоците со помош на својата мала подморница за големи длабочини.

(Фото: АП)

Бродот е славен по отпорот што го дал на побројната јапонска флота. Од посадата со 224 луѓе, загинале 89, меѓу нив и капетанот Роберт Коупленд. Преживеаните поминале 50 часа во водата пред да бидат спасени.

„‘Семи Би‘ одблиску се борел против јапонски крстосувачи и толку брзо пукал што останал без муниција. Тоа бил исклучителен чин на херојство. Тие луѓе се бореле до смрт“, кажа Весково.

Претходниот рекордер, американскиот воен брод „Џонсон“, беше пронајден лани на 426 метри помала длабочина, исто така во Филипинското Море. За илустрација, дното на 98% од светските океани е на помалку од 6.000 метри.