ФОСИЛИТЕ НА НЕКОИ ОД НАЈСТАРИТЕ ПРЕДЦИ НА ЧОВЕКОТ СЕ МИЛИОН ГОДИНИ ПОСТАРИ ОД ОНА ШТО СЕ МИСЛЕШЕ

Њујорк, (Би-Би-Си)

Фосилизираните остатоци што им припаѓаат на некои од најстарите предци на човекот се постари одошто научниците мислеле, покажа ново истражување. Фосилите, меѓу кои е и древната пештерска жена наречена Госпоѓица Плес, биле закопани со милениуми во пештерите во Јужна Африка познати како Лулка на човештвото.

Современите методи на тестирање сугерираат дека група рани луѓе талкала по земјата пред 3,4-3,7 милиони години и ова би можело да ги преобликува вообичаените сфаќања за човечката еволуција. Со години научниците верувале дека видот Australopithecus africanus, чии фосили се пронајдени во пештерите близу Јоханесбург, е стар помалку од 2,6 милиони години.

Черепот на фосилот Госпоѓица Плес откриен во 1947 година (Фото: Гети)

Во подземниот комплекс Стеркфонтејн се пронајдени повеќе рани човечки остатоци од кое било друго место на светот, вклучувајќи целосно зачуван череп што ѝ припаѓал на Госпоѓица Плес. Според музејот „Смитсонијан“, овој вид, кој одел на две нозе, бил доста понизок од денешните луѓе, при што просечната височина на мажите била 138, а на жените 115 сантиметри.

Новата техника на радиоактивно датирање утврди дека Госпоѓица Плес и другите фосили откриени околу неа се всушност милион години постари. Хоминидите Australopithecus africanus досега се сметаа за премлади за да можеле да еволуираат во луѓе.