НАД 1.200 ТАНЧАРИ ОД 14 ДРЖАВИ ЌЕ УЧЕСТВУВААТ НА МЕЃУНАРОДНИОТ НАТПРЕВАР „СТЕЈЏ“ ВО СКОПЈЕ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Над 1.200 учесници од 14 држави и 37 танцови клубови и балетски студија од Европа ќе настапат на осмото издание на Меѓународниот танцов натпревар „Стејџ“, кој ќе се одржи на 7 ноември во Националната опера и балет.

На двете сцени ќе бидат изведени повеќе од 320 танцови точки во различни дисциплини, меѓу кои класичен и современ балет, џез, модерен, шоу и урбан танц. Посебен акцент ќе биде ставен на групните кореографии и формациите.

Натпреварувачката програма ќе трае од 9 до 19:30 часот, а во 20 часот ќе започне свечената гала вечер, на која ќе бидат претставени најдобрите настапи и ќе бидат доделени наградите избрани од меѓународното стручно жири.

„Особено сме горди што годинава во Скопје ќе донесеме над 1.200 учесници од 14 држави и 37 танцови клубови и балетски студија од Европа“, вели Тамара Ѓурчиновска, основачка и директорка на натпреварот.

Организатор е „Арт балет“.