„Гераниум“ во Копенхаген е прогласен за најдобар ресторан на светот за 2022, наследувајќи го овој статус од уште еден дански ресторан, „Нома“, чиј сопственик е тетовецот Рене Реџепи.
Овој ресторан, чии специјалитети се сезонски скандинавски јадења, се наоѓа на осмиот кат на стадионот „Паркен“ и има поглед на околниот парк. Беше отворен среде финансиската криза во 2010, а првите три Мишелин ѕвезди ги доби во 2016.
„Сите шанси беа против нас“, се присети сопственикот Расмус Кофед.
На церемонијата во Лондон, на второто место се најде ресторанот „Сентрал“ во Лима, а број три е „Дисфрутар“ во Барселона.
Поранешните освојувачи веќе не конкурираат за наградата, па затоа „Нома“ не се најде на листата, откако победуваше пет пати досега. Годинашната листа беше составена по гласањето на 1.080 готвачи, ресторатери, кулинарски експерти, новинари и критичари.