Шефот на „Тесла“, Илон Маск, негираше дека бил во љубовна врска со Никол Шанахан, сопругата на коосновачот на „Гугл“, Сергеј Брин. Тој се огласи откако „Вол стрит џурнал“ објави дека неговото пријателство со Брин завршило поради наводната афера.
„Тоа е тотална глупост. Сè уште сум пријател со Брин, дури бевме на забава заедно минатата вечер“, напиша Маск на Твитер.
Повикувајќи се на добро упатен извор, американскиот весник објави дека Маск бил во кратка љубовна врска со Шанахан во декември минатата година, по што Брин поднел барање за развод, ставајќи крај на долгогодишното пријателство со најбогатиот човек на светот.
„Само двапати сум ја видел Никол во последните три години и секогаш имало многу луѓе околу нас. Нема ништо романтично во тоа“, кажа Маск.
Иако имаат предбрачен договор, Брин и Шанахан моментално преговараат за спогодба за развод, која би можела да изнесува една милијарда долари.