Следното издание на Евровизија ќе се одржи во Велика Британија, а не во Украина, потврдија организаторите. Тие заклучија дека нема услови за одржување на раскошната музичка манифестација во Украина, која се здоби со тоа право по победата на „Калуш оркестра“ во мај.
По низа лоши резултати, Сем Рајдер ѝ го донесе второто место на Британија на годинашната Евровизија, додека триумфот на Украина беше оквалификуван како симболичен среде руската инвазија.
Засега не е познато кој град ќе биде домаќин, но Глазгов и Манчестер веќе пројавиле интерес. Европската радиодифузна унија кажа дека градот-домаќин треба да има сала за околу 10.000 гледачи и хотелски капацитети за најмалку 2.000 членови на делегациите и новинари.
Британија досега осум пати беше домаќин на Евровизија, последно во 1998 во Бирмингем. Израел беше последната држава која ја изгуби организацијата, по победата во 1979.