Оливија Њутн-Џон, ѕвездата на кантри музиката која ги освои срцата на милиони луѓе како Сенди во филмската верзија на мјузиклот „Брилјантин“, почина вчера на 73 години по долга битка со ракот на дојка. Болеста ѝ се врати во 2017 година откако претходно ја победи во 1992 и 2013.
Њутн-Џон ја стави својата кариера во втор план откако првпат се разболе, станувајќи еден од водечките активисти за истражување на ракот. Нејзината фондација собра милиони фунти за да го помогне истражувањето. Во изминатите години, таа стана и голем заговорник на употребата на медицинската марихуана.
„Се фокусирам на позитивната страна на работите, без разлика на предизвикот. Позитивното размислување е важно за да се има здрав и среќен живот“, кажа Њутн-Џон своевремено.
Нејзиниот сопруг Џон Истерлинг одгледуваше марихуана за Оливија на нивниот ранч во Калифорнија со цел да ѝ помогне со симптомите.
„Тоа е лековито растение. Медицинската марихуана е нешто што би требало да им биде достапно на сите кои минуваат низ хронична болест или болка. Таа е навистина магично, чудесно растение“, кажа Њутн-Џон.
Истерлинг ја опиша Оливија како симбол на триумф и надеж.
„Нејзините исцелителна инспирација и пионерско искуство со растителната медицина продолжуваат со фондацијата ‘Оливија Њутн-Џон‘, посветена на истражувањата на растителната медицина и ракот“, кажа Истерлинг.
Од 1973 до 1983, Оливија Њутн-Џон беше еден од најпопуларните забавувачи на светот. Освои четири Греми награди и продаде над 100 милиони албуми и иако веруваше дека со 29 години е престара за да глуми тинејџерка и средношколска љубов на Џон Траволта во „Брилјантин“, оваа улога ја направи вечно млада.
„Драга Оливија, ти ги направи нашите животи многу подобри! Твоето влијание е неверојатно, многу те сакам. Ќе се сретнеме некогаш и повторно ќе бидеме заедно. Твој Дени, твој Џон!“, напиша Џон Траволта на социјалните мрежи.