Огромен мегалитски комплекс со повеќе од 500 исправени камења е откриен во јужна Шпанија и археолозите велат дека би можел да биде еден од најголемите во Европа.
Камењата се откриени на земјиште од 600 хектари во Уелва, наменето за плантажа на авокадо. Пред да издадат дозвола, регионалните власти побарале да се спроведе истражување на теренот поради негово можно археолошко значење.
„Ова е најголемата и најразновидна колекција на исправени камења на Пиринејскиот Полуостров. Веруваме дека најстарите од нив биле поставени во втората половина на шестиот или петтиот милениум пред нашата ера“, изјави Хосе Антонио Линарес, истражувач од Универзитетот во Уелва и еден од директорите на проектот.
На местото се пронајдени вкупно 526 камења, чија височина е меѓу еден и три метри.
„Дел од камењата се закопани длабоко во земја и ќе мора внимателно да се ископуваат. Работите ќе траат до 2026 година“, додаде Линарес.
На мегалитскиот локалитет Карнак во северозападна Франција се пронајдени околу 3.000 камења.