СЛАТКАР СНИМИ ПЕСНА И СПОТ ВО ШПАНИЈА ПРЕД ПРОСЛАВАТА НА ЈУБИЛЕЈОТ ВО ОХРИД

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Слаткаристика ги промовираше новите песна и спот „Здраво“ (Hola). Спотот е снимен за време на неговото неодамнешно патување во Шпанија, каде настапи пред студенти од Македонија и од регионот.

Музиката ја напишаа Марко Маринковиќ-Слаткаристика и Иван Јованов-Ивајо, текстот е на Слаткаристика, а продукцијата, миксот и мастерингот се на Јованов. Женските вокали ги отпеа Лина Пејовска, а спотот го реализираа Кристијан Теодоров, Дарко Јовановски и Ник Дизајн.

На 25 мај, Слаткар објави дека неговиот прв соло албум „Слаткаристика будало“ полни 17 години. По повод 15 години од албумот, тој во 2024 одржа серија концерти низ Македонија.
На 2 август на стадионот „Билјанини извори“ во Охрид, Слаткаристика ќе прослави 20 години на сцената со концерт насловен „Слаткаристика и пријателите“, во организација на продукцијата „Прагма“. ​Калиопи, Тони Зен, „Некст тајм“, Пајак, „Дупер“, Тајзи, Зи Бомб, Цоби, Криско и диџеј Че ќе бидат гости на концертот.
Најавено е снимањето на биографскиот музички документарец „Слушни ме“ на режисерот Радован Петровиќ и „ОХО продукција“, кој преку личната приказна на Слаткар ја отвора темата за говорните и комуникациските потешкотии кај децата и младите. Филмот е поддржан од Агенцијата за филм на Конкурсот за финансирање на проекти. Слаткаристика за филмот вели дека ќе биде добар и корисен час по самодоверба за децата.
„Сакам децата кои ги имаат истите потешкотии и мислат дека не вредат да сфатат дека вредат. Мојата потешкотија со говорот, дефинициски, е губење на ритамот на говорот. Како дете, долго време мислев дека моите зборови не вредат доволно. Затоа почнав да пишувам стихови уште од моментот кога научив да држам молив во рака. Малку подоцна, спасот го пронајдов во ритамот и почнав да правам песни. Денес музиката е мојата кариера и животна мисија. Цел живот сум се соочувал со предрасуди, потценувања и пречки од општеството, особено од оној површен и неинформиран слој. Верувам дека токму таа пречка ќе стане една од инспиративните сцени во приказната што ја раскажувам. Јас мојата пречка ја надминав кога почнав да комуницирам преку музика“, вели Слаткаристика.
М. ЏАРОВСКА