БРЕНДАН ФРЕЈЗЕР СЕ РАСПЛАКА ОТКАКО ДОБИ ШЕСТМИНУТНИ ОВАЦИИ ВО ВЕНЕЦИЈА

Венеција, (Вараети)

Брендан Фрејзер се расплака откако публиката на Венецискиот фестивал го почести со шестминутни стоечки овации по премиерата на новиот филм на Дарен Аронофски, „Кит“, кој означува негово големо враќање во Холивуд и го става во прв план во претстојната сезона на награди. Фрејзер се обиде да замине од киното во еден момент, но аплаузите беа толку гласни, што остана и се поклони.

Фрејзер со режисерот Аронофски и колешките Сејди Синк и Хонг Чау (Фото: АП)

Фрејзер (53) глуми 270 килограми тежок учител кој се обидува повторно да развие однос со 17-годишната ќерка Ели (ја игра ѕвездата на серијата „Чудни нешта“, Сејди Синк), додека се бори со опасно тешката дебелина. Двајцата се оттуѓиле откако Чарли го напуштил семејството заради геј љубовник, по чија смрт почнал да јаде прекумерно од тага.

Заради улогата, Фрејзер носел протези кои, во зависност од сцената, додавале од 23 до 136 килограми на неговата тежина и секој ден го шминкале шест часа.

Аронофски откри дека цела деценија барал соодветен актер за главната улога и се решил за Фрејзер откако го видел во трејлер за нискобуџетен бразилски филм.

Фрејзер беше ѕвезда на бројни комедии во 1990-ите и на серијалот „Мумија“, но последната главна улога ја оствари во 2013. Тој ќе се појави и во новиот филм на Мартин Скорсезе, „Убиецот на цветната месечина“.