НАЈГОЛЕМИОТ ЛАВИРИНТ СО ПЧЕНКА НА СВЕТОТ ПОСВЕТЕН НА 60 ГОДИНИ ЏЕЈМС БОНД

Чикаго, (Ројтерс)

Фармата во предградие на Чикаго која е дом на најголемиот лавиринт во пченкарно поле на светот на свој начин ја одбележа 60-годишнината на Џејмс Бонд. Сложениот лавиринт, кој беше отворен викендов, содржи над 10 километри патеки и зафаќа површина од 11 хектари.

„Секоја година имаме различна тема. Овојпат се решивме за 60 години Џејмс Бонд“, изјави Џорџ Ричардсон, косопственикот на фармата во Спринг Гроув.

Тој појасни дека лавиринтот е направен со помош на високотехнолошки трактори, опремени со ГПС и специјални уреди за исклучување. Додека тракторот се движи по полето, се испуштаат семиња пченка за да се засади шаблонот на лавиринтот до ситните детали на избраниот дизајн.

„Тоа е доста долг процес, но изгледа неверојатно кога ќе го видите резултатот“, додаде Ричардсон.