АТИНА ПРОГЛАСЕНА ЗА НАЈЕВТИНАТА ЕВРОПСКА ДЕСТИНАЦИЈА ЗА ГРАДСКИ ОДМОР

Лондон, (Гардијан)

Атина е прогласена за најевтиното место за градски одмор во Европа, победувајќи традиционално поевтини источноевропски дестинации. Британско истражување покажа дека цените во грчката престолнина паднале за 15% во однос на лани.

Во трошоците што ги опфати истражувањето се вклучени две ноќевања во хотел за две лица, оброци, карти за локални атракции и локален превоз. Ова во Атина вкупно чини 207 фунти, наспроти 218 фунти во второпласираниот Лисабон.

Двата града се најдоа пред источните дестинации кои традиционално се познати по пониски цени, како Краков (219 фунти), Рига (220) и Будимпешта (221). Ова е првпат во 15 години откако се прават овие анализи на првото место да не е град од источна Европа.

Градови како Амстердам, Париз и Венеција најчесто беа прв избор меѓу испитаниците, но тие се скапи за посета. Атина и Лисабон се двојно поевтини и истовремено нудат топла клима. Лисабон заврши на второто место, иако има покачување на цените за 21% во однос на лани“, вели Ник Боден, шефот на Post Office Travel Money, кој го спроведува истражувањето.

Шест од анализираните градови се повеќе од двојно поскапи од Атина: Стокхолм (421 фунта), Париз (423), Даблин (436), Копенхаген (456), Венеција (457) и Амстердам (593).