Синоќа се отвори 10. издание на Интернационалниот литературен фестивал ПРО-ЗА Балкан, на кое љубителите на пишаниот збор ќе можат да се сретнат со десетина писатели и издавачи и да слушнат извадоци од нивните дела на јазикот на кој пишуваат. На отворањето беше претставено творештвото на Дамир Каракаш, Броња Жакељ, Елена Алексиева, Владислав Бајац и Томислав Османли.
Годинашната добитничка на наградата за авторски придонес во балканската литература е Оливера Николова.
Денеска во Европска куќа ќе се одржи тркалезна маса на тема „Литература/општество/критика (литературата и критичкото препрочитување на општествените процеси)“, а во книжарницата „Буква“ од 20 часот ќе има средба и разговор со прославениот хрватски автор и режисер Рајко Грлиќ.
На утрешното затворање на фестивалот во Даут пашин амам, писателите ќе читаат извадоци од нивните дела.