Новиот британски крал Чарлс Трети располага со бројни раскошни имоти, но тој исто така поседува куќа во мало село во централна Романија.
Чарлс, кој е далечен роднина на некогашниот романски крал Михаил, а наводно и на Влад Цепеш попознат како Дракула, купи и обнови куќа од 18. век во селото Вискри, кое се наоѓа во Трансилванија. Првпат дошол во селото во 1998 и призна дека веднаш се вљубил во него. Последен пат го посетил во мај годинава.
„Дознав многу за Романија и ја засакав. Има уште многу да се истражува“, изјави Чарлс во 2020.
Локалните жители велат дека неговото влијание врз селото е главно позитивно, зашто стана популарно меѓу туристи. Истовремено, пораснала вредноста на имотите во областа.
„Вискри беше заборавено село, а денес помали куќи се продаваат и за 40.000 евра“, изјави еден локален жител.
Не се знае кога Чарлс ќе се врати во селото, сега како крал.
„Овдека е сè така едноставно и мирно, јасно ни е зошто се вљубил во селото“, изјави еден романски турист.
(Фото: АФП)