„2ЧЕЛОС“ СЕ ПРОСТИ ОД ХРВАТСКАТА ПУБЛИКА СО КОНЦЕРТ ПРЕД 13.000 ФАНОВИ

Загреб, (Индекс)

Популарното дуо виолончелисти „2челос“ синоќа во преполната загрепска „Арена“ го одржа последниот концерт во Хрватска во рамките на својата проштална турнеја. Стјепан Хаузер и Лука Шулиќ претходно потврдија дека веќе нема да настапуваат заедно.

Тие се прославија во 2011 со видеото во кое ја изведуваат својата верзија на хитот на Мајкл Џексон, „Smooth Criminal“. Комбинирајќи филмска и класична музика, поп и рок, „2челос“ распродаваа сали низ светот, вклучувајќи ги лондонски „Ројал Алберт хол“ и Сиднејската опера и ја воодушевуваа публиката со своите енергични настапи. Притоа ја делеа сцената со Елтон Џон, Андреа Бочели, Џорџ Мајкл, „Ред хот чили пеперс“…

Дуото објави шест албуми и собра над милијарда прегледи на Јутјуб.

„Иако нè очекува остатокот од азиската турнеја, овој концерт во Загреб го сметаме за кулминација на нашата десетгодишна кариера. Сакавме да се повлечеме додека сме на врвот, време е за нови предизвици, индивидуални“, изјави Хаузер.

(Фото: Фејсбук)