СЕ ПОВЛЕКУВАМ ЗАШТО ПРЕСТАНАВ ДА ВЕРУВАМ ДЕКА УШТЕ МОЖАМ ДА ИГРАМ, ВЕЛИ ФЕДЕРЕР

Женева, (Би-Би-Си)

Роже Федерер изјави дека одлуката за повлекување ја донесол откако престанал да верува дека ќе може да игра понатаму поради повредите. Еден од најголемите тенисери на сите времиња објави дека ќе се пензионира по Купот Лејвер, што се игра во Лондон од 23 до 25 септември.

Тој последен пат играше на минатогодишниот Вимблдон, по кој имаше дури три операции на коленото.

Изминатите три години најблаго кажано беа тешки. Знаев дека сум на тенок мраз уште од настапот на Вимблдон. Се обидов да се вратам, но бев ограничен во тоа што можам да правам. И, да бидам искрен, престанав да верувам“, вели 41-годишниот Федерер.

По последните скенирања на коленото, сфатил дека тоа е тоа.

Потоа се прашував како и кога да го објавам тоа. Неколку недели ги бирав зборовите. И тогаш стана реалност. Беше во ред, но стресно. Пишувањето на тие зборови беше како рехабилитација, ги чувствував зборовите“, признава Федерер.

Тој вели дека не почнал да игра тенис со мислата дека ќе биде најдобар во историјата. Од професионалното деби на 16-годишна возраст во 1998, освои 103 АТП-титули, од кои 20 гренд слем и 310 недели беше светски рекет број еден.

Вели дека нема посебни планови за пензионирањето, но би сакал да остане во тенисот, навестувајќи дека е заинтересиран да тренира млади играчи.

(Фото: АП)