НА РАБОТИЛНИЦАТА ВО КУЌАТА НА КАСАПОВИ ВО ВЕЛЕС СЕ СОЗДАВААТ СКУЛПТУРИ ОД МЕТАЛ

Велес, (СМАРТ СДК.МК)
????????????????????????????????????

Куќата на Касапови во Велес привремено е претворена во вајарска работилница. Четворица автори творат таму осум дена, а нивните дела ќе бидат поставени догодина на јавните површини во градот.

„Се создаваат дела кои ќе одговараат на просторот каде што ќе бидат поставени. Годинава темата е фигурација, која е полесно прифатлива од граѓаните. Се работат скулптури во метал“, кажа раководителот на работилницата Ангел Коруновски, академски вајар.

Меѓу учесниците е и академскиот вајар од Прилеп, Марјан Стојановски.
„Создавам портрет во натприродна големина, насловен ‘Обичен човек‘. При изработката користам мутери, треба да ги употребам околу 30.000. Местото каде што твориме е креативно и инспирира“, рече Стојановски.

Дамјан Ѓуров доаѓа од Гевгелија. Изработува дело именувано „Волос“, по старословенскиот бог по кој градот Велес го добил името.

„Целиот процес на изработка ќе биде во рамките на самата работилница. Тоа е новитет, бидејќи вакви работилници не ми се познати“, рече Ѓуров.

П. ПЕЧКОВ