ГЕРМАНИЈА ГО ПРЕТСТАВИ ПЛАНОТ ЗА ЛЕГАЛИЗАЦИЈА НА МАРИХУАНАТА, ЌЕ МОЖАТ ДА СЕ ПОСЕДУВААТ ДО 30 ГРАМА

Берлин, (Дојче веле)

Министерот за здравство Карл Лаутербах го претстави планот за легализирање на марихуаната во Германија, според кој на полнолетните граѓани ќе им биде дозволено да поседуваат до 30 грама за лична рекреативна употреба.

„Германија планира да ги легализира производството, снабдувањето и дистрибуцијата на канабисот во регулирани и државно контролирани рамки“, изјави Лаутербах.

Поединците ќе смеат да одгледуваат марихуана во ограничен обем, при што секој ќе може да посади најмногу три стебла. Марихуаната ќе се продава во специјализирани продавници и можеби во аптеки, но нејзиното рекламирање ќе биде забрането.

Партијата на зелените, која е дел од владината коалиција, долго време се залага за легализацијата. Министерот за финансии Кристијан Линднер неодамна кажа дека тоа би можело да се случи следната година, додека комесарот за дроги и зависности Буркхард Блајнерт не верува дека законот ќе стапи на сила пред 2024.

Се очекува владата да го поднесе предлог-законот на крајот на оваа или на почетокот на следната година, но тој ќе мора да добие и одобрение од ЕУ.
Според истражување презентирано од Лаутербах, околу четири милиони возрасни луѓе во Германија консумираат марихуана, а присутен е и голем црн пазар.

(Фото: АФП)