Реномираниот бугарски писател, поет и драматург Георги Господинов вечерва во 21 часот ќе го промовира својот роман „Засолниште во времето“, кој имаше меѓународен успех. Настанот е во организација на Младински културен центар, во соработка со издавачката куќа „Или-Или“.
Романот, кој излезе кон крајот на минатата година, претставува 200. издание на популарната едиција „ПРОаЗА“ на „Или-Или“. Преводот на македонски јазик е на Душко Крстевски, дизајнот на корицата е на Марија Смилевска, а излегувањето на книгата е дел од програмата „Креативна Европа“ на ЕУ.
Романите на Господинов „Физика на тагата“ и „Природен роман“ и збирките раскази „И сè стана месечина“ и „Сите наши тела“ се меѓу најомилените кај домашната читателска публика.
„Непрекинато произведуваме минато. Ние сме фабрики за минато. Живи машини за минато, што друго. Јадеме и произведуваме минато. Дури и смртта не е решение. Човекот си отишол, а минатото му останало. Каде оди после сето тоа лично минато? Го купува ли некој, го собира ли, го исфрла ли?”, пишува Господинов во „Засолниште во времето“.
Господинов е најпреведуваниот современ бугарски писател. На македонски се објавени „Природен роман“ („Темплум“/„Или-Или“), „И други приказни“ („Темплум“), „Балади и распади“ („Блесок“), „Физика на тагата“ („Или-Или“), „И сè стана месечина“ („Или-Или“) и „Сите наши тела“ („Или-Или“).
По промоцијата следи неформална дружба со Господинов во фоајето на МКЦ.