Изложба на фотографии на Оливер Белопета, насловена „Поради џезот“ (Because of Jazz), ќе се отвори утре во Галеријата на МКЦ. Оваа изложба, под кураторство на словенечкиот фотограф Жига Коритник, беше поставена во 2017 во Цанкарјев дом во Љубљана. Станува збор за селекција на 30 дела од богатата ризница фотографии на Белопета, направени од 2009 до 2016 на различни локации и музички фестивали ширум светот.
Изложбата, дополнета и повторно курирана од Коритник, се реализира во соработка со МКЦ и Скопскиот џез фестивал, а ќе може да се види до 23 декември.
„Освен неговата љубов кон добрата музика и дизајн, јас особено се гордеам со Оливер како фотограф. Свесен сум за богатството на неговиот живот, што го почувствував уште на почетокот на нашата соработка. Уште тогаш се понудив да му ја разгледам архивата и да му одберам фотографии за изложба. Се изненадив кога ја добив неговата поширока селекција фотографии, кои покажуваа техничка и содржинска перфекција. Ги имаше толку многу и толку интересни! Мислам дека имаме среќа што можеме да погледнеме макар и само мал дел од фотографскиот живот на Оливер“, вели Коритник.
Веднаш по отворањето на изложбата, од 21 часот вo кино Фросина ќе биде прикажан музичкиот документарец „Summer of Soul (…Or, When the Revolution Could Not Be Televised).