115-ГОДИШНА ШПАНКА ПРОГЛАСЕНА ЗА НАЈСТАРАТА ЛИЧНОСТ НА СВЕТОТ

Барселона, (Гардијан)

Марија Брањас Морера ги преживеала двете светски војни, Шпанската граѓанска војна, пандемијата на грипот во 1918 и пандемијата на ковид-19. Родена во Калифорнија пред 115 години, таа сега и официјално е најстарата личност на светот, потврди Гинисова книга на рекорди.

Титулата ја наследи од 118-годишната Лусил Рандон, која почина минатата недела. Морера еднаш веќе беше светска вест, откако во мај 2020 го победи ковид-19, во периодот кога Шпанија беше една од најтешко погодените земји на светот.

Ред, спокој, добра поврзаност со семејството и пријателите, контакт со природата, емоционална стабилност, без грижи, без каење, многу позитивност и држење подалеку од токсични луѓе, тоа се нештата на кои ја должам мојата долговечност. Исто така, треба да се има и доста среќа“, кажа Морера при приемот во Гинисова книга на рекорди.

Морера е родена во Сан Франциско на 4 март 1907, една година откако нејзините родители се преселиле од Шпанија во САД. Во Шпанија се вратиле осум години подоцна, при што се населиле во Каталонија.

Во бракот со лекарот Хоан Морет, Морера добила три деца, а подоцна и 11 внуци и 13 правнуци, а денес живее во дом за стари лица.

(Фото: Твитер)