„ИМАМ СТАВ“ – СРЕДНОШКОЛЦИ ДЕБАТИРАА НА ФРАНЦУСКИ ЈАЗИК ВО СОБРАНИЕТО

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Средношколци од повеќе гимназии со двојазични паралелки во Македонија дебатираа на работилницата „Млад франкофонски парламент“ во рамките на едукативната активност „Имам став!“ во салата „Борис Трајковски“ во Собранието, во друштво на претседателот на Собранието Талат Џафери, францускиот амбасадор Сирил Бомгартнер и претседателката на Групата за пријателство Франција-Северна Македонија Лилијан Танги.

„Имам став“ е активност која во Собранието почна во 2019 година, а досега се вклучиле 2.200 учесници.

Францускиот амбасадор Сирил Бомгартнер (во средина) и претседателката на Групата за пријателство Франција-Северна Македонија Лилијан Танги (крајно лево) со македонските средношколци (Фото: СДК.МК)

„Тоа што денеска дебатата ќе се одвива на француски, македонски и албански јазик за мене е најдобрата потврда за почитувањето на повеќејазичноста и на културната разновидност во Република Северна Македонија. Особено имајќи предвид дека тоа е во прилог на традиционалното присуство на францускиот јазик и неговото изучување преку двојазичните паралелки, за што најдобар доказ сте и вие, драги ученици“, им кажа Џафери на бројните средношколци.

За Џафери не е случајно тоа што овој настан се приклучува на мноштвото настани со кои се одбележува Месецот на франкофонијата.

„Тоа е наш придонес во афирмацијата на значењето на францускиот јазик во ширењето на идеите на слобода, братство и еднаквост помеѓу луѓето, како и соработка помеѓу народите. Различните јазици и култури се дел од заедничкото светско богатство и наследство и сите ние имаме морална одговорност да ги негуваме и да ја развиваме соработката и врз основа на овие две полиња. Гледајќи го ентузијазмот во вашите очи, убеден сум дека и вие сте ја сфатиле моќта на јазичната и културната соработка и комуникација и овој настан е ставање на уште едно камче на тој мост на поврзување на народи и култури и јас ви честитам на тоа“, рече Џафери пред децата и високите гости од Франција.