ФРАНЦУСКИ „ПЛЕЈБОЈ“ СО МИНИСТЕРКА НА НАСЛОВНАТА СЕ РАСПРОДАДЕ ЗА ТРИ ЧАСА

Париз, (АФП)

Француски „Плејбој“ за само три часа ги продал сите 100.000 примероци на своето издание април-јуни, на чија насловна страница се појави министерката Марлен Скјапа. Иако на ниедна фотографија не е разголена, Скјапа беше жестоко критикувана што прифатила да позира за „Плејбој“, за кој даде интервју на 12 страници.

„Во Франција вообичаено се продаваат околу 30.000 примероци на ‘Плејбој‘. Сега нарачавме печатење на дополнителни 60.000 примероци“, изјави директорот на списанието Жан-Кристоф Флорентин.

Министерката за социјална економија позира во бел фустан и зборува за феминизмот и женските права. Иако беше критикувана и од премиерката Елизабет Борн, Скјапа, која е мајка на две деца, ја бранеше својата одлука да се слика за „Плејбој“.

„Го бранам правото на жените да прават што сакаат со своето тело: секаде и во кое било време. Во Франција, жените се слободни“, кажа 40-годишната Скјапа, која порано беше министерка за еднаквости.

(Фото: Гети)