СО ПРОЕКЦИЈА НА ПРЕТСТАВАТА „КАФЕ МИЛЕР“ ПОЧНУВА РАБОТАТА НА КОМПАНИЈАТА НА ИВАН ПОПОВСКИ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК.)

Претставата „Кафе Милер“ на легендарната Пина Бауш вечерва во 20 часот ќе биде прикажана на платно во Кинотеката. Со овој настан почнува со работа компанијата „АртАктУм“, која во Скопје ја основаа реномираниот македонски режисер Иван Поповски, кој речиси 30 години живееше во Русија и неговата сопруга, театарската продуцентка Татјана Дешко.

Тие велат дека во време кога има многу мрак околу нас, единствен начин за ослободување на нашите глави е уметноста.

„Мечта и целта на ‘АртАктУм’ е да донесе во Македонија значајни, интересни и моќни претстави од различни видови сценска уметност, кои ќе создадат нова почва за размислување и уживање за тие што веќе го сакаат театарот“, велат тие.

„Кафе Милер“, првпат поставена во 1978 година, се базира на личните детски и младешки спомени на Пина Бауш. Дејството се одвива во празно кафуле, каде што луѓето кои ја изгубиле надежта и способноста за љубов ја преживуваат својата осаменост. Ова е официјалната верзија на филмот на Бауш, снимен во август 1985 на настапот во Вупертал.

По претставата ќе има разговор со Искра Шукарова – кореографка и професорка по балетска педагогија, Бранка Костиќ-Марковиќ – музиколог и уметничка раководителка во „Танец“ и Искра Гешоска – програмска уредничка на Контрапункт и на КРИК – платформа за критичка култура.