Американската амбасадорка Анџела Агелер и вработените во Амбасадата на САД во Скопје снимија специјално видео по повод Денот на македонскиот јазик, што се одбележува на 5 мај, во кое кажуваат македонски поговорки. Во видеото се појавува и Габриел Ескобар, заменик-помошник на државниот секретар на САД, Ентони Блинкен.
„Дали знаете дека некои американски дипломати учат македонски јазик пред да дојдат во Скопје?“, вели Агелер на почетокот на видеото.
Тие го изучуваат јазикот на земјата каде што ќе служат во Школото за јазици на Институтот за надворешна служба, кое нуди часови по повеќе од 65 јазици. Оние кои доаѓаат на служба во Македонија можат да изберат македонски или албански јазик, кои спаѓаат во третата, односно тешка категорија јазици. Нивното целосно совладување трае 44 недели, односно 1.100 часови предавања.
Во видеото објавено на фејсбук страницата на американската амбасада во Скопје, дипломатите се пофалија дека научиле и поговорки типични за македонското поднебје. Меѓу нив се и „Кој рано рани, две среќи граби“, „Што ќе посееш, тоа ќе жнееш“, „Без мака нема наука“, „Виното и ракијата немаат нозе, ама по нозе маваат“ и „Трпение, спасение“.
„Честит Ден на македонскиот јазик“, порача Ескобар на крајот на видеото.
(Фото: принтскрин/Фејсбук)