„ТРАНСФОРМЕРИ: ПОСЛЕДНИОТ ВИТЕЗ“ ДОБИ ДЕВЕТ НОМИНАЦИИ ЗА ЗЛАТНА МАЛИНА

Лос Анџелес, (Индипендент)

„Трансформери: последниот витез“ има најголеми шанси да стане најлош филм за 2017 година, откако доби девет номинации за Златна малина, што традиционално се објавуваат ден пред оние за Оскарите.

Последниот дел од акционата франшиза беше уништен од критиката и номинација добија и некои од главните актери во филмот, Марк Волберг, Џош Духамел и Лора Хадок.

Најголемата конкуренција ќе му биде „Педесет нијанси потемно“, кој е номиниран во осум категории, додека „Мумија“ доби шест. За најлош филм уште се номинирани „Чувари на плажата“ и „Имоџи филмот“.

Меѓу големите филмски ѕвезди кои се номинирани за Златна малина се и Џони Деп, Том Круз, Џенифер Лоренс, Ема Вотсон, Хавиер Бардем, Мел Гибсон, Ентони Хопкинс и Сузам Сарандон.

Во конкуренција за најлош режисер влегоа Дарен Аронофски („Мајка!“), Мајкл Беј („Трансформери: последниот витез“), Џејмс Фоли („Педесет нијанси потемно“), Алекс Курцман („Мумија“) и Тони Леонидис („Имоџи филмот“).

Добитниците ќе бидат објавени на 3 март.