ВЕЌЕ НЕМАМ ПОТРЕБА ОД ХОЛИВУД, ВЕЛИ ЏОНИ ДЕП

Кан, (АП)

Џони Деп изјави дека веќе нема потреба од Холивуд откако неговиот нов филм „Жана ди Бари“ имаше премиера на Канскиот фестивал. Во оваа француска историска драма, тој го игра кралот Луј Петнаесетти, што претставува негов голем камбек во филмскиот свет по ланското сензационално судење со бившата сопруга Амбер Хрд.

Деп ја тужеше Хрд и затоа што изгубил работа поради нејзините обвинувања за злоставување, за кои судот утврди дека се лажни.

„Дали имав чувство дека Холивуд ме бојкотира? Треба да немате пулс за да не се чувствувате така. Кога ќе ве замолат да се повлечете од филм поради нечии зборови, се разбира дека се чувствувате бојкотирано“, изјави Деп.

Поради скандалот со Хрд, Деп беше избркан од серијалот „Фантастични ѕверки“.

„Не сум заинтересиран за враќање во студиски проекти. Не размислувам за Холивуд. Јас лично веќе немам толку потреба од него“, кажа Деп, додавајќи дека најголемиот дел од она што се пишуваше за него во изминатите години била „фантастична, ужасно напишана фикција“.

„Жана ди Бари“, првиот филм на Деп од 2020, од вчера игра во француските кина, но засега нема најава дека ќе биде дистрибуиран во САД.

(Фото: АП)