Објавен е конкурсот за наградата за најдобар превод на македонски јазик „Драги“, во организација на издавачката куќа „Антолог“. Наградата е воспоставена за да се направи вреднување на преведувачката продукција во Македонија, како и да се истакне вредноста и важноста на преведувањето за нашиот културен простор.
За наградата може да се учествува со книги објавени во периодот меѓу 1 јули 2022 и 30 јуни 2023.
Објавените книги мора да бидат преведени од оригинален јазик, а може да се конкурира со дела преведени од „живи“ и од класични јазици (арапски, старогрчки, санскрит и латински јазик).
Наградата се доделува за превод на дела од сите книжевни видови: проза, поезија и драма.
Конкурсот е отворен до 30 јуни 2023. Наградата се состои од плакета и статуетка „Драги“.
Наградата за најдобар превод на македонски јазик „Драги“ беше воспоставена во 2022 , а првото почесно признание му беше доделено на Драги Михајловски (1951-2022), македонски писател, преведувач, есеист и универзитетски професор. Освен со прозните дела, Михајловски остави трајна трага во македонската култура со преводите на делата од Шекспир, Милтон, Шели, Китс, Блејк, Елиот, Милтон . Објави и неколку студии и есеи од областа на теоријата на преводот, а со своите ставови за преводот влијаеше и на студентите на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, каде што беше професор.