ЈА НАПРАВИВ „Т’ГА ЗА ЈУГ“ ВО СВЕТСКА СОУЛ И БЛУЗ ВЕРЗИЈА ЗА ДА ЈА РАЗБЕРАТ И ОНИЕ КОИ НЕ ЗБОРУВААТ МАКЕДОНСКИ, ВЕЛИ ПРОДУЦЕНТОТ ДАДО ЏЕЗ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Сосема нова, џез верзија на народната „Јовано, Јованке“ и преработката на „Т’га за југ“ се актуелни на социјалните мрежи последниве месеци, а ги направи младиот македонски продуцент Дадо Џез. Кратките видеа кои се направени со помош на вештачка интелигенција засега ги има на инстаграм профилите „Дадо Џез 31“ и „Емпти глас“. 

Дадо Џез е продуцент и дизајнер од Западна Македонија кој засега не сака да се појавува со лик и вистинско име, но целта му е за македонската традиционална музика преку модерен пристап да дознаат и луѓе кои не се од Македонија.

Преработките ги прави млад продуцент по потекло од Западна Македонија кој засега не сака да го открива ликот, ни вистинското име (Фото: Инстаграм)

„Дадо Џез е бренд кој постои четири месеци, а како негов партнер е Емпти Глас, кој се воздигнува заедно со него. Идејата зад двата профила е да се креираат аранжмани кои звучат светски, прифатливи за слушање, а основата е македонска музика. Блузот и џезот ги носам веќе долго време со мене, па сакав да истакнам како тоа ќе звучи со наш мелос и така произлезе Дадо Џез. Пораснат сум со ‘Ар-Си-Еф‘ и ‘Џеј-Би-Ел‘ звучници под мојата перница, имам скромно музичко образование и во себе го носам ритамот на добрата музика“, вели продуцентот.

Една од неговите најактуелни преработки е „Т’га за југ“ од Константин Миладинов во соул ритам.

„Идејата произлезе од мојата носталгија кон дома, тоа беше главниот мотив зошто ја направив оваа песна. ‘Т’га за југ’ е вонвременско парче поезија кое на најсликовит и многу емотивен начин ја отсликува носталгијата кон југот“, вели продуцентот.

Тој вели дека сѐ уште нема авторски песни, а за брзо време планира и настапи. Сите негови преработки ги има на Инстаграм, ТикТок и Јутуб.

„Со моите преработки сакам да пренесам позитивна порака и позитивна вибрација, луѓето да слушнат дека нашите песни се евергрин и дека дури и во ‘најлуди’ комбинации со џез и блуз звучат светски. Оние кои не го говорат македонскиот јазик исто ја чувствуваат енергијата зад секоја преработка и не се потребни преводи, доволна е само музиката“, додава Дадо Џез.

М. ЏАРОВСКА