Со македонската премиера на филмот „Некрстени денови“ (Piargy) на Иво Трајков, вечерва во 20 часот се отвора 13. издание на Филозофскиот филмски фестивал, што ќе се одржува во Кинотеката.
„‘Piargy‘ е прикажан на голем број фестивали и освои голем број награди и сакав премиерното прикажување во Македонија да биде нешто вонредно. Ми се чини дека и самата идеја за филозофски филмски фестивал е нешто уникатно и надвор од рамките на Македонија. Филозофијата е присутна во секој филм како составен дел на животот. Во овој филм се појавуваат и некои теозофски аспекти“, вели Трајков.
Во осумте фестивалски дена, до 9 јуни, публиката ќе може да проследи 40-ина филмови и 50-ина настани, а ќе има и 15-ина гости. Во конкуренција за наградата „Златен був“ за најдобар долгометражен филм ќе бидат шест филма.