ВО ВЕЛЕС ПРОМОВИРАНИ УШТЕ ЧЕТИРИ АУДИО КНИГИ ЗА ДЕЦАТА СО ОШТЕТЕН ВИД

Велес, (СМАРТ СДК.МК)

Четири аудио книги наменети за лицата со оштетен вид беа промовирани во библиотеката „Гоце Делчев“ во Велес. Тие се заеднички проект на библиотеката и Здружението на слепи лица на Општина Велес.

„Ова е завршниот дел од проектот ‘Снимање на аудио книги‘, со кој се промовираат четири вакви книги. Тие се наменети за слепите лица. Ние и Здружението сме долгогодишни соработници и имаме издадено повеќе аудио книги и книги со Брајово писмо. Во библиотеката имаме катче со овие книги. Се одлучивме сите четири книги кои ги издадовме сега да бидат лектирни изданија“, рече Снежана Бошевска, директорката на велешката библиотека.

Снимените книги се „Кифличката Мирна“ од Оливера Ќорвезироска, „Сакам книги“ од Александар Кујунџиски и „Детство“ и „Приказна за две деца“ од Наташа Брезовска-Богоевска.

„Со овие четири наслови имаме вкупно 23 снимени книги од библиотеката за слепи лица ‘Ратко Пајдаков‘. Заинтересираните се јавуваат кај нас во Здружението, ние им ги праќаме по пошта и тие ги враќаат“, кажа Тодор Крајчев од велешкото Здружение на слепи лица.

П. ПЕЧКОВ