Над 252 тони отпад се собрани на третото издание на еколошката акција „Генералка викенд“, што од 12 до 14 мај се спроведе во 51 општина и повеќе од 300 училишта и градинки во државата, со што во секој поглед се надминати минатогодишните бројки. Исчистени се повеќе од 300 локации со помош на 15.811 волонтери, што го потврди статусот на „Генералка викенд“ како најмасовна еко-акција во Македонија.
Главните иницијатори и организатори на оваа акција се Гордана Софија и Ханес Јекл од организацијата „Мен енд Маунтен“, кои изразија благодарност до секој учесник.
„Пред три години тргнавме со идејата како би било ако секој излезе и ја исчисти својата земја за да ја направи подобро место за сите сега и за идните генерации. Оттогаш, секоја година, сè повеќе луѓе, компании и институции почнаа да веруваат во истата идеја. Но, на крајот, останува само идеја и само заедно можеме да ја оствариме“, рекоа тие.
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство повторно ја поддржува акцијата така што за секои 10 килограми собран отпад ќе обезбеди една садница, па наесен ќе бидат засадени вкупно 25.000 нови дрвја.
За собраниот отпад се погрижија локалните комунални претпријатија, „Нула отпад“ и „Пакомак“, кои, заедно со „Пивара Скопје“, и оваа година застанаа зад акцијата.