Македонските олимпијци на Специјалната олимпијада во Берлин освоија пет медали, од кои едно злато, две сребра и две бронзи.
Кога настапува под знамето на Македонија, пливачот Марио Мицковски секогаш смета дека може и повеќе. Дваесет и тригодишниот Мицковски освои бронзен медал на 100 метри слободно на неодамнешната Специјална олимпијада во Берлин и тоа му е најслабиот пласман на подиумот на досегашните три учества.
„Ова ми беше трета олимпијада и на сите три имам освоено медал. Во 2015 во Лос Анџелес освоив злато и сребро, а пред четири години во Абу Даби стигнав до две злата. Знам дека можам многу повеќе од оваа бронза“, вели Мицковски, кој е роден со Даунов синдром.
Марио живее во скопската општина Бутел и ја има завршено спортската гимназија „Методија Митевски-Брицо“, а пливање тренира повеќе од десет години.
„Многу ја сакам и кошарката, но пливањето ми е супер како спорт. Тренирам во салата ‘Борис Трајковски‘, каде што имам одлични услови“, додава тој.
Уште една негова страст е танцот. Мицковски беше дел од македонскиот тим кој пред две години во Грац освои сребро на првото Светско првенство во танц на специјална олимпијада.
„Секогаш давам сѐ од себе зашто ја претставувам Македонија и се трудам со сите сили да освојам медал“, мотивирано вели Мицковски.
Г. КОНЕВ / Фото: К. ПОПОВ
- ДЕСЕТ ГОДИНИ ВЕЖБАВ СЕКОЈ ДЕН И ЗНАЕВ ДЕКА ЌЕ ОСВОЈАМ ОЛИМПИСКО ЗЛАТО, ВЕЛИ ПАРАОЛИМПИЕЦОТ АГРОН ХАЈРЕДИНИ
- ПО 20 ГОДИНИ ВО СПЕЦИЈАЛНА ОЛИМПИЈАДА, И САМА НЕ ЗНАМ КОЛКУ МЕДАЛИ ИМАМ ОСВОЕНО, ВЕЛИ ЈУЛИЈАНА ПЕТРОВСКА
- СПОРТОТ И ДРУЖЕЊЕТО МУ ПОМОГНАА НА СТЕФАН ТРПКОВСКИ ДА СЕ РАЗВИЕ ВО РЕЧИСИ САМОСТОЈНО МОМЧЕ