Новак Ѓоковиќ искусил сѐ што постои во тенисот, но по вчерашниот пораз во финалето на Вимблдон призна дека никогаш не се соочил со играч како Карлос Алкарас. Дваесетгодишниот Шпанец го симна 16 години постариот Ѓоковиќ од вимблдонскиот престол и покажа дека иднината на тенисот му припаѓа нему.
„Не очекував дека ќе игра толку добро на трева оваа година, но покажа дека е најдобриот играч на светот. Да бидам искрен, никогаш не сум играл против некого како него. Во изминатите 12 месеци се збореше дека неговата игра се состои од одредени елементи на Роже, Рафа и мене и можам да се согласам со тоа. Тој е најдоброто од трите света. Ги има менталитетот на шпански бик, борбениот дух и неверојатната одбрана што сме ги виделе кај Надал. Неговиот бекхенд е сличен на мојот. Тој е комплетен играч“, кажа Ѓоковиќ за Алкарас.
Младиот Шпанец ја зголеми предноста на врвот на АТП-листата откако стана третиот најмлад освојувач на Вимблдон во модерната ера, по Бјерн Борг и Борис Бекер.
Повеќе од една деценија се појавуваа талентирани играчи од „следната генерација“ од кои се очекуваше да ја скршат доминацијата на Федерер, Надал и Ѓоковиќ, но никој од нив не се реализираше на тој начин. Алкарас лани го освои Отвореното првенство на САД, по што изгуби од Ѓоковиќ во финалето на Ролан Гарос, па се чинеше дека и тој не е доволно дораснат.
„Сега сум целосно поинаков играч од оној од Ролан Гарос. Пораснав многу и научив многу оттогаш. Сега подобро се носам со притисокот и нервите. Навистина сум горд на себеси“, изјави Алкарас.
(Фото: АП)