ВЕЛЕШКИТЕ УМЕТНИЦИ ПРЕНЏОВ, ПЕРОВСКИ, ЈОВАНОВСКИ И СТОЈАНОВСКИ СО ИЗЛОЖБА ВО НЕГОТИНО

Велес, (СМАРТ СДК.МК)

Во Музејот на Град Неготино е поставена изложба на четворица ликовни уметници од Велес, сликарите Живко Пренџов, Спасе Перовски и Александар Јовановски и скулпторот Илко Стојановски. Тие творат во различни ликовни правци, а заедничка компонента им е што се целосно вклучени во модерната ликовна клима.

„Изложбата во својата концепција има за цел да ги презентира силината и индивидуалноста на ликовниот ракопис на секој од авторите, кои преку својата активност веќе се препознатливи и пошироко во регионот“, кажа на отворањето Драгица Чекорова, директорка на Музејот на Град Неготино.

Изложбата е дел од културното лето „Неготино 2023“. Кураторка на изложбата е Елица Николова од Народен музеј во Велес.

П. ПЕЧКОВ