ФОЛКЛОРНО-КЛАСИЧНА СИМБИОЗА НА „ТАНЕЦ“ И НАЦИОНАЛНАТА ОПЕРА И БАЛЕТ ВЕЧЕРВА ВО СКОПЈЕ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

„Фолклорно-класична симбиоза“ е насловен заедничкиот музичко-сценски спектакл на Националната опера и балет и „Танец“, што премиерно ќе се изведе вечерва на сцената на НОБ, со почеток во 20 часот.

Ова ќе биде првиот заеднички настап на овие две национални установи во поновата историја, при што на сцената ќе има повеќе од 130 изведувачи. Тие ќе ги изведат симфонизираните антологиски кореографии „Осоговка“, „Малешевка“, „Жетварка“, „Пиринско пролетно цвеќе“, „Водарки“, како и други македонски орски и вокални мелодии од богатиот репертоар на „Танец“.

Со концертот ќе диригира маестра Бисера Чадловска, а концерт-мајстор е Верица Ламбевска.

„‘Фолклорно-класична симбиоза‘ е проект замислен како музичка фузија на две различни традиции, класиката и фолклорот, вешто преточена во новите аранжмански партитури на Дарко Илиевски. Македонската јавност и македонската музичка култура ќе добијат уште едно комплексно дело со врвен уметнички израз, кое на достоинствен начин го чува и унапредува македонското музичко творештво“, најавуваат од „Танец“.