Јавувањето по телефон и испраќањето пораки или електронска пошта на пријател само за да кажете „здраво“ може да изгледа како незначаен гест, дури и небитна работа за која не вреди да се трудите. Или можеби се грижите дека неочекуваното јавување не би било добредојдено или оној на кој му се јавувате е зафатен колку вас, па нема време ни за еден таков разговор.
Но, ново истражување сугерира дека ваквиот контакт со луѓето во нашите општествени кругови значи повеќе отколку што мислиме, објави „Њујорк тајмс“.
„Дури и да испратите кратка порака на некого само за да кажете ‘здраво‘ и со тоа да му покажете дека мислите на него и да прашате како е може да биде ценето повеќе отколку што мислат луѓето“, рече Пеги Лиу, вонредна професорка по бизнис администрација на Факултетот за бизнис на Универзитетот во Питсбург.
Таа и нејзиниот тим спроведоа серија од 13 експерименти, во кои беа вклучени повеќе од 5.900 учесници за да добијат чувство за тоа колку се добри луѓето во погодувањето колку се цени контактот со пријателите и кои видови интеракции се најмоќни.
Во некои од експериментите учесниците допреле до некого што го сметале за пријател, во други стапиле во контакт со некого кој бил пријателски расположен, но не го сметале за многу близок.
Истражувачите побарале од оние кои добиле повик или примиле порака да кажат колку го ценат гестот. Во текот на сите 13 експерименти, оние кои иницирале контакт значително го потцениле моментот колку тоа би било ценето.
Новите студии доаѓаат во предизвикувачки период за пријателство и поврзување во САД, каде што има криза на осаменост, која стана покомплицирана и понагласена за време на пандемијата.
„За да функционираме најдобро, треба да бидеме во поврзана состојба. Исто како што треба да јадеме и пиеме, треба да бидеме поврзани со луѓето“, рече Мариса Франко, психолог и асистент професор на Универзитетот во Мериленд.