ЈОСИПА ЛИСАЦ ЌЕ ГО ПРОСЛАВИ 50. РОДЕНДЕН НА АЛБУМОТ „ДНЕВНИКОТ НА ЕДНА ЉУБОВ“ СО КОНЦЕРТ ВО СКОПЈЕ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Хрватската пејачка Јосипа Лисац ќе го прослави 50-годишниот јубилеј од издавањето на култниот албум „Дневникот на една љубов“ (Дневник једне љубави) со концерт во Филхармонијата во Скопје на 3 ноември.

„По британската, југословенската музика до 1990 година беше најдобра, највозбудлива и најкреативна во Европа. Во тој квалитет, по многу критериуми се издвојуваат Јосипа Лисац и, секако, нејзиниот величествен албум кој, според сите анкети, се наоѓа во топ-10 регионални албуми на сите времиња“, велат организаторите на скопскиот концерт, „Авалон продукција“.

Од менаџерскиот тим на „Авалон“ изјавија дека Лисац кога била гостинка во публиката на концертот на Дајана Крал во Загреб, кој бил во нивна организација, ветила дека ќе одржи концерт во Скопје, иако сега поретко настапува далеку од дома.

Влезниците ќе бидат пуштени во продажба в петок во 9 часот онлајн на ticketx.mk и преку нивната продажна мрежа по цена од 1.990 денари. Култната пејачка инсистирала во Скопје да одржи само еден концерт, додаваат организаторите.

„Кога имав концерт во Дубровник, тој беше најавен како концерт на албумот ‘Дневникот на една љубов’. На плакатите беше така рекламиран, без моето име. ‘Дневникот’ ми рече: ‘Остани дома, не ми требаш‘. Ете, толку стана самостоен тој албум. Во денешно време, не седнувам да го слушам, но ги пеам песните и така го живеам повторно. Песната ‘За една младост’ никогаш не е тргната од репертоарот, а има некои кои морав да ги тргнам, но поради јубилејот, некои песни од тој албум повторно ги пеам“, изјави Јосипа Лисац на Хрватската телевизија во емисијата „Кај нас дома“.

(Фото: М. ЖЛЕБНИК)