ПОЧНУВА ФИЛМСКИОТ ФЕСТИВАЛ ЗА МЛАДИ, ЏИФОНИ МАКЕДОНИЈА, ЌЕ ИМА УЧЕСНИЦИ ОД ОСУМ ДРЖАВИ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Од четврток 5 октомври до 10 октомври, во Младинскиот културен центар, Кинотеката на Македонија и во киното Милениум во Скопје ќе се одржува 11. издание на Филмскиот фестивал за млади „Џифони Македонија. Фестивалот ќе биде отворен во 19:30 часот во киното Милениум со филмот „Вратената“, во режија на Џузепе Бонито. На отворањето ќе се обрати амбасадорот на Италија во Скопје, Андреа Силвестри. 
Освен од Македонија, на фестивалот се очекуваат и 40 учесници од Италија, Србија, Косово, БИХ, Грција, Бугарија, Романија и од Франција. Ќе се прикажат 15 долгометражни филмови во официјалната конкуренција во три категории, кадети, јуниори и сениори. Ќе се проследат и 35 краткометражни и анимирани филмови. 

Учесниците ќе можат да дискутираат за филмовите со режисерката Дина Дума (сениори), рускиот режисер Олег Асадулин (јуниори) и српската актерка Миона Илов (кадети), а ќе бидат реализирани и девет работилници.
Програмата на фестивалот годинава е збогатена со нов сегмент наречен ЕПИК, проект за промоција на мирот преку креативност кај младите. Во рамките на ЕПИК ќе бидат прикажани 17 краткометражни филмови што ќе се натпреваруваат за три награди. 

Во програмата се и презентации на нови кратки филмови од млади автори од Македонија. 

Фестивалот ќе биде затворен на 10 октомври во киното Милениум, кога ќе бидат прогласени победничките филмови во сите категории.